Истражување на опсегот на родово-базираното насилство врз жените и девојките на јавните места во Скопје [2012]

Апстракт

Насилството врз жените вклучува физичка, психичка и сексуалнa штета која е насочена против жените поради нивниот род. Оваа студија е обид да се обезбеди увид во родово-базираното насилство врз жените во јавните простори во градот Скопје во целина, но исто така вклучува продлабочена анализа на две општини, општините Центар и Чаир. Студијата го разгледува степенот и различните димензии на насилството врз жените во јавниот простор, фокусирајќи се првенствено на перцепциите на жените за нивната безбедност и влијанието што го има врз нивните животи, како и облиците на насилство кои тие ги доживуваат и на крај, стратегиите кои тие ги имаат развиено за да се справат со насилството.

Методологија

Наодите се базирани на резултатите од 780 интервјуа (390 од секоја општина), со жени случајни минувачки на јавни места (39 различни улици, вклучувајќи автобуските станици, 5 различни пазари, 6 јавни установи, 2 болници, библиотека, 7 трговски центри и продавници, 2 дискотеки, 5 кафулиња, кејот на реката Вардар, фризерски салон, фудбалски стадион, градскиот парк и градскиот плоштад).

Во студијата дополнително беа вклучени и 28 структурирани интервјуа со релевантни чинители (јавни претпријатија, невладини организации, владини претставници и др.), 8 прошетки за оценка на безбедноста во општините (4 по општина) со 29 учесници и во присуство со припадници на полицијата, 7 фокус групи со 51 потенцијални сведоци или жртви на насилство (таксисти, сексуални работници, келнерки, новинари, возачи на автобуси и контролори, корисници на дрога), податоци од 296 посетители на посебно дизајнирана веб-страница reagiraj-bidibezbedna.mk и 70 планирани обсервации на јавните локации во општина Центар.

За дополнителна проверка на наодите и заклучоците како и за приоретизирање на препораките, беше одржан состанок со 19 претставници на невладини организации, локалната самоуправа, Народниот правобранител и Центарот за социјална работа. Истражувањето беше спроведено во периодот март – септември 2012 година.

Визуелизирани податоци за истражувањето