Родот и јавните простори

Урбанизмот е една од стратешките области на кои работи Реактор – Истражување во акција и во која се обидува да ја промовира родовата еднаквост. Постојат некои компоненти на урбанизмот и урбанистичкото планирање и развој кои можат да бидат родово сензитивни, меѓутоа до сега во Македонија при урбанистичкото планирање ова не се зема предвид.

Ова вклучува различна употреба, пристапност, мобилност, безбедност и сигурност, дистрибуција на услуги, јавни објекти и социјална испреплетеност. При урбанистичкото планирање не ги земаат предвид постоечките докази кои покажуваат дека жените и мажите различно ги користат урбаните услуги и имаат поинаков пристап кон урбаните средини.

Како резултат на тоа, урбанистичките планови се носат без притоа да се земат предвид потребите на жените и девојките. Така на пример, подолго време е занемарено пешачкото и друг вид на алтернативно движење во Скопје, кое е примарно за жените и девојките, особено мајките. Дополнително, прашањата за безбедност и чувство на сигурност не се инкорпорираат во локалните полиики за оддржување на градот, а тоа доведува до рестриктивно користење на јавните простори од страна на жените. Не се приоритетни ни инвестиции кои се од особено значење за родова еднаквост како изградба на градинки, детски игралишта и други јавни простори наменети за јавна употреба (на пример, кога се градат спортски игралишта тие во принцип се наменети за спортови кои ги практикува во огромно мнозинство машката популација).