Родот и социјалната политика

Родовата димензија е важна кај социјалната политика, бидејќи таа може да биде успешна само ако ги препознава различните приоритети, предизвици и можности со кои се соочуваат мажите и жените, како и различните очекувања и одговорности особено поврзани со работата и семејството.

Структурните аранжмани во Македонија доведуваат до суштински разлики врз основа на пол во социо-економска сигурност. Непропорционален број на жени се меѓу сиромашните и обесправените. Повеќе од половина жени се неактивни, а заедно со невработените околу 68% од жените немаат платена работа. Исто така речиси три четвртини корисниците на старосна пензија се мажи.

Жените често се соочуваат со дискриминаторски практики преку кои им се ограничува нивниот пристап до ресурси (на пример при наследување на имот), можности и социјални услуги (речиси 80% од корисниците на социјална парична помош се мажи). Кога браковите се распаѓаат, жени и деца се изложени на зголемен социјален ризик. Според пописот од 2002 година, 79,7% од самохраните родители се жени.