Жените во политиката: патот до политичките функции и влијанието на локално ново во Македонија [2015]

Апстракт

Оваа студија е резултат на проектот спроведен од страна на РЕАКТОР – Истражување во акција во текот на 2014 и 2015 година, во соработка со Националниот демократски институт (НДИ) и финансиран од Амбасадата на Франција во Скопје. Главната цел на проектот беше да придонесе кон подобрување на статусот на жените во Република Македонија, особено во областа на политичкото учество. Настојувавме да го оствариме ова со тоа што ќе понудиме ново знаење за нееднаквостите со кои жените и мажите се соочуваат во политичкиот и во јавниот живот, примарно преку сеопфатно истражување.
Целите на истражувањето беа двојни. Најнапред, сакавме да процениме дали и како зголеменото учество на жените во политиката во Македонија влијаат на начинот на кој се донесуваат одлуките, бираат приоритетите и како политиката се спроведува. Многу автори тврдат дека „критичната маса„ е постигната кога 30-40% од избраните функционери се жени (Kanter 1977a, 1997b; Dahlerup, 1988). Бидејќи квотата од 30% скоро да ја обезеди таа „критична маса„, како на национално така и на локално ниво, сакавме да процениме какво влијание ова имаше врз животот на граѓаните и дали постојат суштински разлики и квалитети кои жените ги внеле во политиката во земјата.
Втората цел беше да идентификуваме зошто зголемувањето на женското учество во политиката беше сопрено пред да постигне паритет. Иако воведувањето на квота обезбеди зголемување на учеството на жените во политиката, нивното влијание е ограничено. Имено, една деценија по воведувањето на квотите не гледаме подобрување на учеството над квотата. Од друга страна, таму каде што нема квоти постојат значајни родови јазови. Земајќи го ова предвид, истражувањето имаше за цел да ги идентификува факторите кои придонесуваат за опстојување на родовите нееднаквости на различни нивоа на кои тие се случуваат: лично, институционално, економско и политичко.

Методологија

Истражувањето користеше комбиниран методолошки пристап, кој претставува комбинација на квантитативни и квалитативни инструменти. Истражувањето беше спроведено во три фази. Најнапред, спроведовме полуструктуирани индивидуални интервјуа со сегашни и поранешни членови на локалните совети. Во текот на интервјуата, разгледувавме различни теми и фактори кои би можеле да бидат поврзани со или пак да придонесуваат за родовите разлики во политичкото учество. Целта беше да се добијат продлабочени знаења за влијанието што жените го имаат во политичката арена, како и да се идентификуваат факторите кои придонесуваат за нивно учество, или пак негативно влијаат врз нив. Врз основа на овие интервјуа, дизајниравме прашалник кој во втората етапа беше искористен за компјутерски асистирана телефонска анкета (CATI). Конечно, во последната фаза од истражувањето, спроведовме групни дискусии за презентиравме и валидација на резултатите. Во првата фаза беа интервјуирани вкупно 34 советници, додека втората фаза опфати 402 активни советници. Во третата фаза, вкупно 104 советнички учествуваа во истражувањето. Разновидноста на користените методи овозможи да се дојде до сеопфатно разбирање на контекстот и на факторите кои влијаат врз политичката партиципација, како и да се информира промовирањето на алтернативни политики, вклучувајќи ги и оние кои ги таргетираат политичките партии и нивните интерни партиски механизми.

Визуелизирани податоци за истражувањето