Родот и политиката

Жените традиционално се помалку застапени во политиката, не само во Северна Македонија, туку во целиот свет. И покрај многуте напори да се зголеми политичкото учество на жените во локалните и националните власти од осамостојувањето до денес, бројот на жени со одлучувачка моќ сè уште не отсликува родова еднаквост во оваа област.

Со цел да се промовира учеството на жените во политиката и да се исправи историското исклучување на жените од јавната сфера, во 2002 година за прв пат се воведени квоти преку кои се обезбедува учество од најмалку 30% на помалку застапениот пол на кандидатските листи за избор во Собранието и на советничките листи на локално ниво. Во 2006 година, покрај квотата од 30%, во поднесената листа на кандидати за пратеници, на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол. Конечно во 2015 година, измените во Изборниот законик налагаат најмалку 40% од кандидатите на листите за пратеници треба да припаѓаат на помалку застапениот пол, и тоа: на секои три места, најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места.

Иако воведувањето на квота обезбеди зголемување на учеството на жените во политиката, квотите се однесуваат пред сè на можноста за еднаков влез во парламентот, а не гарантираат и еднаков влез во парламентот за жените и мажите. Тоа значи, дека често, процентот на жени на кандидатските листи не е отсликан во составот на избраниот парламент. Дополнително, учеството на жените останува на многу ниско ниво онаму каде што не е контролирано, т.е. каде што не се воведени квоти.

Иако на парламентарно ниво жените се претставени со 39% во последниот состав (2020), на локално ниво жените преставуваат едвај 30% од советниците во општините. На последните локални избори, во 2017 година, биле избрани 415 советнички (29.8%) од вкупно 1.388 избрани советници во единиците на локалната самоуправа. Иако споредбено со претходните години, ова преставува напредок, сепак тој е на границата на законскиот минимум. На истите избори, без присуство на квоти, само 6 жени (7.5%) биле избрани за градоначалнички. Состојбата е слична и во централната власт, каде по последните избори во 2020 година, има само четири министерки.