Родот и семејството

Со оглед на тоа дека грижата за домот и семејството историски се асоцираат со жената и традиционално се нејзин товар, родово поделените податоци од оваа област се можеби најважниот литмус тест за колку едно општество успеало да постигне во поглед на унапредување на еднаквоста помеѓу мажите и жените.

За жал, поделбата на домашните обврски во Република Македонија сеуште е нееднаква на терет на жените, а на штета и на мажите и на жените, со оглед на тоа дека постигнувањето баланс помеѓу работата и приватниот живот еднакво ги засега двата пола.

Кога станува збор за поделбата на обврските во семејството, жените во просек поминуваат скоро три пати повеќе време на овие активности од мажите. Дека ова е резултат на подредената положба на жената во рамки на семејството говори и фактот што со стапување во брак, времето поминато на домашни обврски кај мажите се намалува, а кај жените значително се зголемува.