Родот и образованието

Зголемувањето на нивото на образование на девојките и жените доведува до повеќекратни позитивни ефекти (како повисока плата, намалување на малолетни бракови и смртност на доенчиња) а идентификуван е и како еден од најдобрите начини за искоренување на сиромаштијата.

Образованието е една од првите надминати „бариери“ на Македонската жена, односно област во која жените не само што го достигнаа бројот на мажите, туку и област во која во моментот ги надминуваат. Иако традиционално во Македонија бројот на неписмени жени е сеуште поголем од бројот на неписмени мажи, тој број со менувањето на генерациите драстично се намалува (бројот на жени со ниско образование е намален за околу 35% во последниве 15 години).

Во моментов на дипломски студии во Македонија секоја година се запишуваат и завршуваат повеќе студентки отколку студенти. Сепак, бројот на лица кои предвремено го напуштаат образованието е поголем кај жените. Исто така, бројот на жени универзитетски професорки е драстично помал од оној на мажите иако наставничките се позастапени од наставниците и во средните и во основните училишта.