Анкета за работната сила [2011]

Апстракт

Анкетата за работната сила е еден од најзначајните извори на информации за случувањата на пазарот на трудот.

Оваа Анкета е најсеопфатно истражување на економската активност на населението и неговите демографски, образовни и други карактеристики.

Анкетата за работната сила се спроведува во согласност со методолошките препораки на Меѓународната организација на трудот (МОТ) усвоени на 13. Меѓународна конференција на трудовите статистичари и препораките на Европското статистичко биро (Евростат). Според конечната концепција, Анкетата за работната сила е:

- национална (ја опфаќа целата територија на државата);

- репрезентативна;

- со континуирана тримесечна периодика;

- ги покрива економските активности што се остварени во текот на извештајните недели.

Основни концепти и дефиниции

Работоспособно население го сочинуваат сите лица на возраст 15 - 79 години.

Економски активното население односно работната сила ја сочинуваат вработените и невработените лица.

Следејќи ги препораките на МОТ, во вработените се вклучени лицата на возраст од 15 години и повеќе кои за време на извештајната недела работеле за пари (во готово или во натура) или за добивка, најмалку 1 час; за време на извештајната недела привремено (т.е. поради болест, отсуство, студии, прекин на активноста на деловниот субјект итн.) биле отсутни од работното место, но формално биле вработени; и помагале на семејниот имот или семејното претпријатие без плата.

Во невработените, во согласност со препораките на ЕВРОСТАТ, се вклучени лицата на возраст од 15 до 74 години кои ги исполнуваат следните три услови: 1) за време на извештајната недела не работеле (според горенаведените критериуми); 2) активно барале работа, т.е. преземале конкретна активност за наоѓање работа; 3) биле подготвени да прифатат работа во следните 2 недели по завршувањето на извештајната недела.

Главни показатели за следење на промените кај работната сила се:

Стапката на активност, како учество на работната сила во работоспособното население на возраст од 15 години и повеќе;

Стапката на вработеност, според препораките на Меѓународната организација на трудот (МОТ), се одредува како учество на бројот на вработените во работоспособното население на возраст од 15 години и повеќе, според препораките на Европското статистичко биро (ЕВРОСТАТ), како учество на бројот на вработените во работоспособното население на возраст од 15 до 64 години;

Стапката на невработеност, како учество на бројот на невработените во вкупната работна сила.

Методологија

Рамка за примерокот во Анкетата за работна сила се податоците од Пописот, 2002 г., односно податоците за бројот на домаќинствата по пописни кругови, бројот на населението, полот и возраста на населението.

Тргнувајќи од целта и содржината на истражувањето, направена е стратификација на пописните кругови според класификацијата НТЕС 3 ниво, односно на 8-те региони, потоа според типот на населеното место (градско и селско) и на крајот е направена величинска стратификација на пописните кругови со распон до 90 и повеќе од 91 домаќинство. На ваков начин се создадени 8*2*2=32 стратуми.

Алокацијата е направена пропорционално на бројот на населението на возраст од 15 до 79 години, во согласност со податоците од Пописот 2002, во секој од стратумите.

Во секое тримесечје се анкетираат по 5000 домаќинства и сите лица на возраст од 15 до 79 години кои живеат на таа адреса. Според ротационен модел, примерокот е поделен на 9 потпримероци (бранови) и во секој бран има по 1250 домаќинства, односно вкупно 11250 домаќинства годишно, од кои 8750 домаќинства се анкетираат двапати во текот на годината, а 2500 домаќинства еднаш во текот на годината.

Примерокот за Анкетата за работната сила е дизајниран како стратифициран, ротационен, двоетапен случаен примерок. Во првата етапа се бираат пописните кругови, а во втората етапа, во рамките на пописните кругови, се бираат домаќинства. Првични примерочни единици се пописните кругови и случајно се бираат по 625 пописни кругови во секое тримесечје според алокацијата. Во втората етапа, во секој од избраните пописни кругови случајно се бираат по 8 домаќинства со адресните податоците од Пописот 2002 г.

Стапката на неодзив на Анкетата на годишно ниво е 15.6%.

Визуелизирани податоци за истражувањето