За страницата

Родов Реактор е замислен како простор во кој на едно место ќе бидат содржани сите родово-поделени податоци кои се релеватни во напорите за постигнување родова еднаквост.

Сајтот дава слика за статусот на жените и мажите во Република Македонија и за системските нееднаквости кои сеуште постојат, најчесто на штета на жените, а е одговор на недостатокот на податоци од оваа област. Оние кои се занимаваат со родова еднаквост во Македонија ќе знаат дека родово-поделени податоци сеуште недостигаат во многу области, а онаму каде што ги има се растргнати по различни извештаи, публикувани од различни институции и организации, и ретко достапни во употребливи формати. Овој сајт го гледаме како прв чекор во надминување на овој проблем.

На оваа страница ќе најдете родово-поделени податоци распределени во категории и презентирани во форма на извештаи, визуелизации и инфографици. Податоците кои се користени во подкатегоријата “графици” се достапни и во сиров формат и можат да директно да се преземат од сајтот. Се надеваме дека преку обезбедување на лесно достапни, интерактивни и визуелизирани податоци ќе помогнеме кон информирана дискусија за положбата на жената во македонското општество, но и дека ќе поттикнеме активности за промоција на родовата еднаквост. Со оглед на тоа што сајтот нуди разноврсни содржини во различни формати, сметаме дека не само што ќе им биде од корист на оние кои се занимаваат со оваа проблематика, туку и ќе ги заинтересира или во најмала рака ќе ги замисли и случајните посетители.

Родов Реактор е креиран и одржуван од страна на Реактор – Истражување во акција како дел од нашата програма за Родова еднаквост, и ќе биде редовно ажуриран со цел во секое време да ги дава најновите родово-поделени податоци.

Тимот на креатор(к)и го сочинуваат Ана Ристеска, Тамара Атанасоска, Филип Димчевски, Блажен Малески, Дамјан Здравев, Тања Малеска, Неда Коруновска и Јана К. Србијанко.

Доколку сметате дека сме превиделе некоја публикација или извештај, или пак имате коментари и сугестии за подобрување на функционалноста и квалитетот на сајтот, ве молиме да ни ги испратите на info@reactor.org.mk, да ги постирате на нашата Facebook страница или да не пингнете на Twitter.

Родов Реактор е подджан преку Институционален грант од Think Tank Fund на Open Society Foundations и од проектот на USAID за Граѓанско општество, имплементиран од страна на Фондација Отворено општество - Македонија.